Историјат

Историјат на Национална Арена Филип II Македонски

Во 1947 година започнува изградбата на “Градски Стадион Скопје“ сместен во Градски парк помеѓу двете омилени кафеани на скопјени, Кермез и Опатија и со капацитет од 15.000 гледачи, распоредени во две трибини за седење и две трибини за стоење. Веќе во почетокот на седумдесетите години се појавува и првата потреба за реконструкција и доградување согласно зголемените барања на стандардите за игра, како што е поставување на осветлување за одржување на вечерни утакмици, и покривање на дел до гледалиштето со поставување на кровна конструкција. Така оваа прва фаза започнува во 1978 година и во периодот од две ипол години се реализира Јужна трибина со што го добива и денешниот изглед на трибината и капацитет од 9.800 места за седење. Во почетокот на осумдесетите години од минатиот век се поставуваат и четирите столба со рефлектори кои обезбедуваат осветленост од 750 luxa на теренот кои за тоа време преставувало и врв на тогашните можности и потреби за играње на вечерни натпревари, но недоволни за спроведување на квалитетни ТВ преноси. Со пставувањето на дополнителни рефлектори под кровната конструкција на Јужна трибина се добиени дополнителни 200 luxa со што е дојдено до вкупни 950 luxa.

На 05 Декември 2006 година, Владата на Република Македонија со одлука бр. 19-6111/1, одлучува да се почне изградбата на Северна трибина на Градски Стадион, со што започнува и целосната реконструкција на стадионот кој денес полека го добива својот финален изглед. Во текот на 2007 година се изготвува проектната и тендерска документација за рушење и изградба на старата Северна трбина од Градски Стадион Скопје. Реализацијата на овој дел од проектот беше планиран и изведен за 18 месеци од почнувањето. Активностите за рушење на Северна трибина започнаа на 04 Јануари 2008 година и изградбата на трибинскиот дел за публиката со сите потребни приоди и санитарни јазли заврши на 02 Август 2009 година.

Денешниот капацитет на Северна трибина го достигна бројот од 10.338 седишта. Со ова, Северна трибина стана и главна трибина со централна ложа за ВИП гости со 494 седишта и новинаски дел со 248 новинарски места и 9.596 седишта за гледаите распоредени во 12 сектори. Со изградбата на Северната трибина се добија и нови простории како соблекувални за играчите, судиите и делегатот, простории за новата механизација за одржување на тревната површина, управата на стадионот, ВИП и ВВИП простор, контролна просторија во која е сместена опремата за видео надзор на стадионот, командување за осветлување на стадионот, простории за ФФМ и УЕФА, нови санитарни јазли за публика, простори за прва помош за фудбалери и гледачи. Оформен е целосен прес центар за работа на новинари и фоторепортери како и сала за состаноци и прес конференции. Во делот на ВИП просторот се навоѓа и ресторански простор за освежување на гостите пред натпреварот како и за време на полувремето. Со изградбата на северната трибина се замени и целосното осветлување, се отстранија четирите столба за рефлектори и се поставија 144 нови рефлектори по ободот на северна и јужна трибина со што се добива и рамномерно остветлување без сенки и степен на осветленост од 1.500 luxa со што се овозможува и квалитетен тв пренос во HD резолуција. При изградбата на северна трибина беа применети и најновите стандарди на ФИФА и УЕФА во поглед на безбедноста на публиката и брзата евакуација од трибините надвор од стадионот. Согласно димезионираните излези, северна трибина и сите дуги трибини, можат безбедна да бидат напуштени за само 7,5 минути, што ги задоволува и најстрогите светски стандарди. Поставени се и безбедносни противпожарни системи за дојава и за гасење на пожари.

Во поглед на зголемениот конфор на гледачите на северна трибина се изведени повеќе групи на санитарни јазли со машки и женски тоалети како и тоалети за лица со посебни потреби.

Во склоп на Северна трибина изведена е интерна улица која овозможува безбено донесување и однесување на фудбалските екипи до соблекувалните. Тука се и просториите за судии и тренери на екипите како и медицински екипи. Во приземјето е сместен и прес центарот за новинари и фоторепортери како и салата за прес конференции. Северна трибина со дел од подтрибинскиот дел беше свечено пуштена во употреба на 02-08-2009 год.

Уште во периодот кога се одвиваше изградбата на Северна трибина, се пријде кон изготвување на проектна документација за изградба на Источна и Западна трибина, реконструкција на Јужна и реконструкција на теренот со атлетските борилишта, како целина.

Отпочнувањето на работите за изградба да Источна и Западна трибина започна на 08-09-2009 и двете трибини бе предадени во употреба на 24-04-2011 година. Со тоа се добија комплетно нови трибини со капацитет од по 5.962 седишта или вкупно 11.924 гледачи на двете трибини и по шест санитарни јазли на секоја трибина.

Со изградбата на новата кровна конструкција се поставија и уште 70 дополнителни рефлектори со што се доби и ново осветлување на атлетската патека а дел и за појачување на тревнатиот дел од стадионот така да со последните мерења на стадионот се достигна осветленост од 1.900 luxa. На двете триби се инсталираа и по еден видео бим на кој може да се врши и тв пренос, репризирање на настани и објавување на резултати. Во текот на 2014 година се пријде кон реализација на фасадното обликување со илуминација на Источната трибина со што започна да се добива и финалниот изглед на стадионот. Изведени се и по две скалишни јадра кои служат за брза евакуација на публиката од стадионот надвор.

Јужна трибина беше реконструирана во текот на 2010 година, со што беше комплетно заменет покривот на трибината, реновирани самите бетонски елементи, како и изведба на комплетно нови санитарни јазли за потребите на гледачите. Со самата реконструкција беа опфатени и старите соблекувални кои сега ги користи ФК Вардар, и се добија 10.713 места за седење со што се доби вкупниот капацитет на стадионот од 32.233 гледачи 494 ВИП ложа и 284 новинари или 33.011 седишта. Со оваа бројка Национална Арена Филип II Македонски се вбројува во средно големи стадиони.

Како последен дел од реконструкцијата на стадионот беше опфатен самиот терен со атлетските борилишта. Се изведе комплетно нов дренажен систем за прифаќање на дождовните води, нов систем за автоматско полевање на теренот, систем за греење во зимски период на теренот за играње со сопствена котлара. На тој начин нема да дојде до замрзнување на кореновиот систе и во исто време ќе се врши оттопување на евентуалната снежна покривка. Воедно греењето на теренот се прави и да не дојде до замрзнување на лисната маса од тревата која пак во зимски услови може да ги повреди фудбалерите при лизгачки стартови. Беа реконструирани и сите атлетски борилишта со атлетската патека, со што се доби и стадион кои ги задоволува сите светски стандарди за одржување на еден меѓународен атлетски собир од евопски сиветски ранг. Воедно бееше поставен и комплетно нов бусен врз кој се одиграваат сите натпревари од репрезентацијата на Република Македонија како и сите клубски натпревари. Дури слободно можеме да кажеме дека Националната Арена Филип II Македонски е двојно повеке искористена од нормалните светски стандарди. Од досегашните сознанија е дека на еден стадион треба да се играат од 35-40 утакмици во една сезона од 10 месеци, ние имаме и до 60 утакмици за истиот период.

Завршувањето на Северна трибина беше прославено со одигрување на пријателски натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Шпанија, каде што стадионот беше исполнет до последното место и многу љубители на фудбалот останаа пред вратите без билет. На овој натпревар беше соборен и рекордот на посетеноста на стадионот кога имаше околу 27.000 гледачи, но со старите источна и западна трибина.

После тоа следат и утакмиците со Ерменија, Русија, Република Ирска, Шкотска, Велс, Белгија, Србија, Хрватска. На овие утакмици во просек имаше помеѓу 4.000-5.000 гледачи

По повод 08 Септември - Денот на независноста на Република Македонија 2012 год се одржа прослава на Национална Арена Филип II Македонски, кога на трибините и теренот имаше речиси 50.000 посетители, што преставува и своевиден рекорд на посетеност.

Во следниот циклус на натпревари на Репрезентација на Македонија се одиграни утакмици со репрезентациите на Луксембург, Словачка, Белорусија и Австралија, каде посетеноста беше помеѓу 5.000 и 7.000 гледачи, а до крајот на оваа година ќе се одиграат и утакмиците со Шпанија и Украина, кога се очекува повторно максимална посетеност.

Во Јуни 2014 година на стадионот се одржа и концерт на пеачот Жељко Јоксимовиќ кога имаше помеѓу 40.000 и 45.000 посетители, на три трибини и на теренот.